ЦЕЛИ

Нашето здружение за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци Љубезност ги има поставено следните пет стратегиски цели на своето работење:

1. Намалување на сиромаштијата

Ние ќе се стремиме да придонесеме кон намалување на сиромаштијата кај граѓаните на нашата држава кои се во социјален ризик и кои се припадници на ранливи групи – бездомници, деца без родители, лица со хендикеп или хронични болести, зависници од наркотици, алкохол и хазард, еднородителски семејства, Роми, лица без основно образование, жители на заостанати рурални подрачја, жртви на семејно насилство и други.
Оваа стратешка цел ќе ја оствариме со тоа што ќе спроведуваме директни посети во престојувалиштата на бездомниците и во домовите на социјално загрозените семејства и поединци, на лице место ќе се запознаваме со нивните проблеми и предизвици, со нивна дозвола ќе правиме фотографии и истите ќе ги објавуваме на Фејсбук страната на нашето здружение. На овој начин ќе се обидеме да поттикнеме граѓански активизам, и преку донации од граѓани, претпријатија, граѓански и хуманитарни организации да собереме храна, облека, обувки, средства за хигиена и останато, што потоа ќе се подели на нашите директни корисници.

2. Намалување на невработеноста

ЗГ Љубезност ќе придонесува кон намалување на невработеноста кај нашите крајни корисници, социјално загрозените лица на територијата на нашата држава кои се работоспособни, сакаат да работат а не се вработени.
За нас е многу важно нашите крајни корисници економски да се активираат и да станат самоодржливи, а не трајно да се потпираат на поддршката од институции и здруженија од областа на социјалната заштита. Од ова полза нема да имаат само тие, туку во крајна линија и целото општество. Единствен начин тие да излезат од кругот на сиромаштијата е со трајно вработување кое ќе им обезбеди постојан извор на приходи за достоинствен живот.

Од нашиот регистар на бездомници и социјално загрозени лица ќе ги одбереме оние за кои сметаме дека се доволно работно способни и имаат желба да се вработат. Ним во континуитет ќе им изработуваме работни биографии, по потреба и мотивациски писма и ќе им одржуваме обуки за зголемување на конкурентноста на пазарот на труд.
Дополнително, нашето здружение во своите програмски активности директно работно ќе ангажира некои од бездомните и социјално загрозените лица, кои ќе покажат желба и способност за работа, како услуга од корисници (peer service) и на тој начин ќе придонесува кон граѓански ангажман на нашите крајни корисници.

3. Намалување на бездомништвото

Преку нашата програма за вдомување Љубезност краткорочно и долгорочно ќе ги извлекува од бездомништвото нашите крајни корисници на целата територија на Република Македонија кои се без покрив над главата и со тоа ќе продолжи да придонесува кон намалување на бездомништвото.
Проблемот со бездомништвото трајно може да се реши единствено со програми за вдомување, бидејќи оваа категорија на граѓани во никој случај не е во состојба самата да го реши. Дури откако станбеното прашање ќе им биде решено, тие ќе можат да продолжат со процесот на ресоцијализација во општеството и да размислуваат за вработување. На краток рок бездомниците ќе бидат сместени во изнајмени соби и станови за кои закупнината ќе ја плаќа ЗГ Љубезност. Дологорочно, овие бездомници ќе бидат сместени во станбени објекти и во повеќенаменски центри за бездомници изградени од нашето здружение. Многу социјално загрозени семејства живеат во руинирани домови каде што немаат основни услови за живот. Ние ќе бидеме во комуникација со поединци и претпријатија за да им помогнеме на овие луѓе во реновирањето на нивните домови или во изградбата на нови.

4. Унапредување на благосостојбата на бездомните и социјално загрозените лица

Благосостојбата на бездомните и социјално загрозените лица ќе биде подобрена преку подобрување на нивната психолошка и здравствена состојба.
За остварување на оваа цел Љубезност ќе работи на упатување, советување и поврзување на бездомните и социјално загрозените лица и ќе им обезбедува психосоцијална поддршка. Ние имаме мобилен тим составен од социјални работници, психолог, правник, возач, медицинска сестра и корисници кои вршат услуги (peer workers). Овој тим неколку пати неделно ќе ги посетува домовите на социјално загрозените семејства и местата каде претстојуваат бездомници и, покрај давањето хуманитарна помош, ќе им дава и поддршка во добивањето документи од државни институции и во остварувањето на нивни други права.

5. Организациски развој на Љубезност

Организацискиот развој е организациска стратешка цел на Љубезност во рамките на која нашето здружение ќе тежнее да обезбеди постојани извори на приходи за своето работење, да се постигне соодветна екипираност на тимот и да се прошири соработката со државните институции, локалната самопурава, претпријатијата, медиумите и граѓанските организации.
Здружението ќе се труди да обезбеди поголем обем на финансирање од државата и од јавните институции. Зголемената финансиска поддршка се очекува дека ќе овозможи зголемување на организациските капацитети и обезбедување на соодветни материјални ресурси вклучувајќи возила, опрема и сопствена канцеларија.
Организацискиот развој подразбира и зголемување на човечките ресурси на нашето здружение, како во квантитет (зголемување на бројот на вработени) така и во квалитет (унапредување на знаењето и на способностите на членовите на тимот).