ПРОЕКТИ

Почнувајќи од 2017 година, па до денес, Здружението за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци Љубезност – Скопје спроведе десетина проекти финансирани со грантови од институционални донатори, а постојано има во подготовка нови вакви проекти. Во улога на донатори се јавуваат Владата на РС Македонија, Градот Скопје, владите на разни европски држави, меѓународни фондации, граѓански организации и мрежи. Некои од овие проекти ги имплементираме во партнерство со други граѓански организации, но поголемиот дел ги спроведуваме самостојно. Донаторските проекти имаат големо значење за нашите крајни корисници, но и за работата на нашето здружение, бидејќи ни овозможуваат соработка со други граѓански организации и со разни други чинители, ни носат планирани приходи и содржат активности кои придонесуваат кон остварување на нашите организациски цели.

РЕАЛИЗИРАНИ ПРОЕКТИ

Институционална поддршка на програмата Цивика мобилитас

Во периодот од јули 2019 до август 2022 година нашето здружение доби поддршка за својот развој од оваа програма финансирана од владата на Швајцарија. Овие средства беа искористени за изработка на стратегиски план, за набавка на опрема, за плаќање закупнини за канцеларија и магацин, за режиски трошоци, за изработка на оваа веб страна на Љубезност, како и за плати за програмскиот персонал за давање разни услуги на нашите крајни корисници. Спроведените активности беа поделени на пет области: овозможувачко опкружување за граѓанското општество, граѓански ангажман, соработка, граѓанско учество и зајакнување на нашите конституенти.

It can also be different

„Може да биде и поинаку“ беше проект кој траеше од 2017 до 2019 година, и беше заснован на “job shadowing”, каде работниците одат на краток престој за да бидат како сенка на кадрите од партнерските организации и да учат директно од искуствата на соодветните организации. Целта на проектот беше да се развијат способностите и зголеми искуството на социјалните работници во областите на вдомување, грижа и поддршка на бездомници преку иновативни методи и пристапи. Двајца вработени на HVO Querido од Амстердам нѐ посетија и се запознаа со нашата организација и со нашата работа. Притоа беше воспоставена основа за соработка која подоцна се реализираше со два други партнерски проекти.

Restoring dreams to tackle loneliness

„Обновување на соништата за справување со осаменоста“ е меѓународен проект кој нашето здружение го спроведе заедно со партнери од Холандија, Шпанија, Франција, Унгарија, Чешка и Белгија. Проектот беше финансиран од програмата Ерасмус плус на Европската Унија во нејзината клучна акција 2 и се спроведе во периодот од септември 2018 до август 2021 година. Во негови рамки беа спроведени следните проектни активности: лонгитудинално истражување кое се спроведе преку анкетирање на работниците и на клиентите, изработка на модули за обуки и сет на алатки за справување со осаменоста, обука на социјалните работници за запознавање со модулите и алатките за справување со осаменоста, дисеминација на информации и видливост на проектните активности, како и настани за мултипликација на знаењата и на другите придобивки стекнати со проектот.

Social inclusion through community living

„Социјална инклузија преку домување во заедницата„ е проект кој се спроведе во периодот од август 2020 до јули 2022 година под раководство на ХВО Куеридо од Амстердам, Холандија. Фокус на овој проект е пристапот „Housing first“ за вдомување бездомници, според кој домувањето е основно човеково право, а бездомниците треба најпрво да бидат трајно вдомени како предуслов за нивна ресоцијализација, рехабилитација и реинтеграција во општеството. Откако тие ќе бидат вдомени, дури тогаш треба да им се понудат другите социјални услуги. Во рамките на овој проект најпрво одржавме неколку онлајн состаноци со претставници на ХВО Куеридо, а потоа шест социјални работници од таа организација беа во посета на Љубезност за размена на искуства и добри практики помеѓу организациите партнери во областа на домувањето и воопшто на социјалната заштита.

System: reset

„Систем ресет“ е меѓународна програма која се спроведува во 10 европски држави, вклучувајќи ја и Македонија. Програмата е финансирана од Советот на Европа и од Ерасмус плус, а меѓународни координатори се Young friends of the earth Europe. На национално ниво, во Северна Македонија проектот е спроведуван од Колектив Зет и Смарт ап, а во рамките на шемата за регрантирање на „Систем ресет“, Љубезност доби средства со кои плати закупнини за вдомување на седум бездомни семејства и поединци во август 2021. Во текот на 2021 година имавме разговори со бездомниците за да ги запознаеме со „Систем ресет“ и заедно со нив да генерираме визии за потребите на Националниот зелен договор кој е изработен во рамките на истиот проект. Овие визии ќе се вклучат во Pan-European youth proposal кој се креира на европско ниво.

Мобилизација на заедницата во борба против гладот

Овој проект беше финансиран од мрежата ВСС Ефект, а го спроведувавме во периодот од август 2019 до февруари 2020 година во партнерство со здружението Новинари за човекови права. Цел на проектот беше да се развие граѓанскиот активизам и општествената одговорност во насока на промовирање на банкарството за храна како решение за намалување на сиромаштијата и заштитата на животната средина.
Во рамките на „Мобилизација на заедницата во борба против гладот“ беа спроведени следните активности: мапирање на претпријатија од прехранбената индустрија и угостителските објекти на територијата на Град Скопје, дефинирање модели за поддршка наменети за компаниите, промовирање дијалог и соработка со други граѓански организации, застапување и лобирање, како и организирање панел дискусија за промоција на ВСС Ефект и на проектот.

Мобилизација на граѓаните и на локалните заедници во скопскиот регион за поддршка и помош на бездомниците и социјално загрозените

Мобилизација на граѓаните и на локалните заедници во скопскиот регион за поддршка и помош на бездомниците и социјално загрозените е проект кој го спроведуваме пет години по ред – во 2018, 2019, 2020, 2021 и 2022, и тоа од пет до осум месеци во текот на секоја година со финансиска поддршка од градот Скопје. Проектот се спроведува на територијата на скопскиот регион, со цел да ги анимираме граѓаните, да го поттикнеме граѓанскиот активизам, да ги вклучиме локалната самоуправа, претпријатијата и медиумите во активностите за донирање хуманитарна помош, поддршка во вдомување на бездомниците и вработување на социјално загрозените граѓани.

Прибирање средства за помош и поддршка на бездомници и сиромашни

Цел на проектот беше да се соберат материјални и финансиски средства од заедницата кои ќе се искористат за поддршка на сиромашните и за одржливо работење на здружението. Овие средства за поддршка беа добиени од граѓани, големи маркети и други претпријатија, а како соработници во проектот учествуваа студенти, волонтери и други граѓански организации. Крајни корисници на донираните средства и на другите видови поддршка беа бездомници и најгорливи случаи на социјално загрозени семејства и поединци.
Овој проект беше спроведен во 2018 – 2019 година и беше финансиран од „Промени за одржливост“ на здружението Конект.

Мобилизација на граѓанството и локалните заедници за поддршка и помош на бездомниците и социјално загрозените во зимскиот период 2017/2018 година

Ова беше првиот донаторски проект на нашата организација од кој научивме многу и се здобивме со знаење кое го користевме и ќе го користиме во нашата идна работа. Негова цел беше вклучување на граѓаните во обезбедувањето помош и поддршка на бездомниците и на социјално загрозените граѓани во зима. За нејзино остварување организиравме осум сезонски собирни пунктови во Скопје, добиените донации ги складиравме, класифициравме и им ги дониравме на оние на кои им беа потребни, организирано делевме храна (седмични топли оброци и по потреба носевме храна по домовите на крајните корисници), и вршевме дневни посети и ноќни патролни обиколки за носење помош на бездомниците на местата на кои престојуваат.
Проектот беше финансиран од програмата Цивика мобилитас.

Акција за помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените граѓани во услови на криза со пандемијата од КОВИД-19

Овој проект го спроведовме во втората половина од 2020 година со финансиска поддршка од Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, а со цел да им се даде помош и поддршка на бездомниците и на социјално загрозените семејства и поединци во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19.
Во рамките на овој проект им обезбедивме хуманитарна помош на бездомниците и на социјално загрозените семејства, ги вдомивме и им обезбедивме основни услови за живот на бездомниците и придонесовме кон нивната ресоцијализација и реинтеграција во општеството.

Social economy without borders

„Социјална економија без граници“ е меѓународен проект финансиран од Вишеградскиот фонд кој беше спроведуван во партнерство со Фондацијата Барка од Полска како организација лидер и со уште осум партнери од Северна Македонија, Полска, Чешка и Унгарија. Земјите партнери имаат недостиг од екосистем за социјално претприемништво и потреба од зајакнување на социјалните претпријатија како начин за борба против општествената исклученост и пасивниот систем на социјални политики. Цел на проектот беше создавање социјални претпријатија и центри за социјална и професионална реинтеграција од страна на здруженијата партнери во проектот. Целни групи беа граѓанските организации, локалната самоуправа, министерствата и високообразовните институции, а крајни корисници кои беа поддржани во нивната општествена и професионална реинтеграција беа бездомниците, лицата со попреченост, зависниците, невработените и малцинствата како Ромите.

Building international bridges – social entrepreneurship as a tool for local economic empowerment

„Градење меѓународни мостови – социјално претприемништво како алатка за локално економско зајакнување“ е меѓународен партнерски проект за споделување искуства и добри практики, градење капацитети, застапување и лобирање за развој на социјалното претприемништво во четирите држави од Вишеградската група и во Северна Македонија. За време на претходниот проект „Социјална економија без граници“ е утврдено дека во државите учеснички е потребно да се продолжи да се лобира за општествени промени, за екосистем за социјална економија и за зајакнување на социјалните претпријатија. Со тоа индиректно се бориме против социјалната исклученост и пасивниот систем на социјални политики, обезбедуваме размена на добри практики, се запознаваме со можности за финансирање и создаваме соработка наместо конкуренција помеѓу локалните партнери.

ТЕКОВНИ ПРОЕКТИ

Грижи се – интегрирана социјална и здравствена заштита за ранливото население во Западен Балкан

„Грижи се“ е двегодишен проект кој Љубезност го спроведува под водство на Каритас Австрија, а во партнерство со Фондацијата Македонски Каритас и Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“. Овој проект е финансиран од Австриското министерство за социјална работа, здравствена заштита и заштита на потрошувачите, и претставува дел од нивната поширока програма во која се вклучени повеќе сродни проекти кои се спроведуваат во неколку балкански земји. Регионалната програма „Грижи се“ се фокусира на обезбедување домашна нега, социјална помош и директна поддршка за социјално загрозените и економски ранливите лица во Албанија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија. Програмата става акцент на ранливите стари лица во Албанија, Босна и Херцеговина и Србија преку обезбедување на социјална поддршка и воспоставување и лиценцирање на професионални услуги за домашна нега. Во Северна Македонија се адресирани ранливите членови на заедницата во компонента на пилот проект што опфаќа мобилни тимови кои даваат медицинска помош, правна помош и социјални услуги, но и обезбедува образовна поддршка за деца.

ИДНИ ПРОЕКТИ

Намалување на отпадот од храна преку собирање и дистрибуција на вишокот од храна до бездомните и социјално загрозените во Скопје

Големо количество на храна во светот непотребно се фрла и честопати завршува како отпад на депониите. Но, значаен дел од отпадот од храна може да се употреби како вишок на храна за да ги нахрани гладните и сиромашните луѓе. Како што кажува самиот назив на овој проект, со него ќе настојуваме да го намалиме отпадот од храна преку собирање и дистрибуција на вишокот на храна до бездомните и социјално загрозените лица во Скопје. Ние сакаме да пилотираме одржлив систем за управување со вишокот храна за тој, наместо да заврши како отпад од храна, да им се даде на граѓаните кои имаат недостиг од храна. Сакаме да започнеме со воспоставување на ваков систем најпрво во мал обем, за да се стекнеме со искуство и со капацитети за управување со него, за потоа, во зависност од можностите постепено да го зголемуваме во обем и во него да вклучуваме се повеќе партнери. Тоа ќе го направиме преку мапирање на потенцијални донатори од редот на производители и дистрибутери на храна, комуникација и лобирање кај нив за тие да ни ги донираат своите вишоци на храна, набавка на моторно возило за превоз на вишокот храна, подигање на вишокот храна од донаторите и нејзина дистрибуција на крајните корисници, и подигање на свеста на јавноста за проблематиката на отпад од храна и вишок храна.

Акција за помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените граѓани во услови на светска економска криза

Во Северна Македонија постои изразено социјално раслојување на општеството каде голем број на наши сограѓани се доведени во ситуација постојано да живеат во сиромаштија и на работ на егзистенцијата. Згора на тоа, во 2022 година имаме галопирачка инфлација и зголемување на трошоците на живот. Она што е уште полошо е што најголем пораст на цените има кај храната и кај енергенсите, кои имаат најголемо учество во потрошувачката кошничка на посиромашните граѓани. Тие и другите ранливи групи на граѓани се очекува да бидат особено погодени поради недостигот и од високите цени на храната и на енергенсите од кои многу помалку ќе бидат засегнати побогатите граѓани. Затоа, со овој проект ќе им дадеме интегрирана помош и поддршка на бездомниците и граѓаните кои се во ризик од сиромаштија во справувањето со растечката инфлација и економската криза. Целната група ја сочинуваат граѓани кои се соочуваат со најтежок облик на сиромаштија, а самите се немоќни да се борат против неа.

Повеќенаменски центар за бездомници

Проектот за повеќенаменски центар за бездомници е од областа на социјалната заштита, со приоритет на бездомништвото како општествена појава, а потоа и на сиромаштијата, гладот, невработеноста и општествената исклученост. Бездомништвото е широко распространето во нашата земја и во светот, но тоа е малку видливо за обичните граѓани. Тоа е специфичен и сложен социјален феномен и процес кој се однесува на лицата кои се изложени на мноштво социјални ризици, кои се маргинализирани и кои по правило живеат во сиромаштија и во социјална исклученост.
Корисници на нашиот центар за бездомници ќе бидат бездомниците (јавни, скриени и потенцијални), како и други лица во социјален ризик на територијата на Скопскиот регион. Покрај вдомување, повеќенаменскиот центар за бездомници на своите корисници ќе им обезбедува и социјални и други услуги, храна и други материјални донации неопходни за задоволување на нивните егзистенцијални потреби. Вкупниот број на корисници кои ќе ги користат услугите на центарот за бездомници во текот на една година се очекува да биде 100 лица.