ВОВЕД

Доколку сте заинтересирани да дознаете повеќе информации за активностите на Љубезност, ве молиме разгледајте ги останатите содржини од овој веб сајт. Ве молиме бидете слободни да нè контактирате за сите прашања на кое сакате да ви одговориме. Во продолжение се осврнуваме на најчестите прашања кои вообичаено ни се поставуваат поврзано со Љубезност.

Што беше поттикот на почетокот?

Секојдневно среќававме луѓе кои талкаат по улиците или бараат храна и едноставно одлучивме да не останеме рамнодушни кон сето тоа што го гледаме и да најдеме начин да им помогнеме.

Секогаш во маркетите полневме уште една количка со цел на крајот на неделата да ја подариме на некое семејство. Почнувајќи на таков начин, помагајќи на 2-3 семејства, нашите пријатели и колеги ни се придружуваа и сакаа да бидат дел од тоа. Така растеше нашата иницијатива и видовме дека можеме да дадеме придонес.

Како стигнавме до идејата да основаме здружение?

Нашето здружение започна во 2013 година како неформална група за делење топли оброци и друга хуманитарна помош на бездомници, подоцна бевме во состав на здружение кое се занимаваше со повеќе дејности, а во јануари 2015 година основавме здружение под името Љубезност, чиј фокус е да помогнеме на нашите конституенти, а тоа се бездомниците и социјално загрозените семејства кои живеат во многу тешки услови и се во голема сиромаштија.

Во кој правец се нашите активности?

Првата наша активност беше доброволно донирање на храна, која ја дистрибуиравме до социјално загрозени семејства. Како што влијанието на нашите акции се зголеми, се зголеми интересот и бројот на луѓе кои се приклучија на нашата иницијатива. Во текот на годината реализираме од 20-25 активности кои се во насока на помош и поддршка на нашите крајни корисници.

Кои се нашите визија и мисија?

Нашата визија е општество без сиромаштија каде што постои прифатеност, инклузија и еднакви можности за бездомни и социјални загрозени лица

Во нашата визија за пример ги земаме општествата од социјалните држави на Западна Европа, каде постои систем на социјална заштита кој речиси ги исклучува бездомништвото и сиромаштијата во смисла во која постојат овде во Северна Македонија. Ние со нашата работа ќе настојуваме оваа ситуација да ја доведеме и на овие простори, како преку стратегии насочени кон бездомните и социјално загрозените лица, така и преку нивно застапување и лобирање кон властите и другите креатори на политики за ваков систем на социјална заштита да биде воведен и во нашата земја. Ова е конзистентно и со очекуваниот процес на пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија.

Нашата мисија е континуирано образование, помош и поддршка на бездомните и социјално загрозените лица во процесот на нивна ресоцијализација и реинтеграција.

Зошто овие вредности и принципи на работа?

Партнерство (соработка) – организацијата ќе гради соработка и партнерство со сите чинители (институции, компании, граѓански организации) со кои споделува заедничка визија и вредности.

Транспарентност и отчетност – организацијата ќе ги споделува сите релевантни информации со заинтересираните страни и јавноста и ќе осигура дека е отчетна кон сите кои ја поддржуваат на било кој начин.

Толеранција и емпатија – организацијата ќе се стреми да ги почитува верувањата и определбите на другите и ќе тежнее да ги гледа нештата од страната на другите покажувајќи разбирање.

Одржливост – во своите активности организацијата ќе се труди да го интегрира концептот на одржливост што подразбира дека ќе обезбедува услуги кои имаат долгорочен ефект и обезбедуваат позитивни ефекти за корисниците и по завршувањето на поддршката.

Упорност и истрајност – ја работиме нашата работа веќе подолго време и не се откажуваме и покрај предизвиците и пречките со кои се соочуваме. Не очекуваме брзи резултати и лични награди туку ефектите од нашата работа ги очекуваме исклучиво на долг рок.

Отворен и близок однос  – се трудиме да градиме доверба и да имаме близок однос со нашите конституенти односно крајни корисници за да ја придобиеме нивната доверба и да ја разбереме состојбата во која тие се наоѓаат.

Грижа за животната средина – низ своите активности организацијата ќе осигура дека се грижи за животната средина и не нанесува било каква штета во околината во која работи.

Користење на нови технологии и социјални иновации – кога е возможно и изводливо организацијата ќе се труди да користи нови технологии и социјални иновации со кои своето работење ќе го направи поефикасно и поефективно.

Придружете ни се за заеднички да промениме нечиј живот!